Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет РM- ЕУ во Стразбур

07.02.2018 12:50

Шефот на македонската дипломатија Димитров е во Стразбур каде што учествува во работата на Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија- Европска Унија. Министерот Димитров ќе има излагање во рамките на воведната сесија, а предвидени се и негови средби со пратеници во Европскиот Парламент...

Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија- Европска Унија, по подолго време ќе се одржи денес и утре во Европскиот Парламент во Стразбур. Состанокот се одржува во многу позитвна клима по вчерашното објавување на стратегијата за проширување на ЕУ кон земјите од Западен Балкан и посебно во контекстот на напорите што се прават меѓу Македонија и Грција за решавање на спорот со името, кој според многумина може да го отвори патот на Република Македонија кон евроатлантските интеграции.

Непосредно пред одржувањето на комитетот, побаравме мислење од еден од копретседавачите, словенечкиот европратеник Алојз Петрле.

„Со нашите колеги од Македонија навистина по подолго време ќе рзгледуваме прашања за односите меѓу ЕУ и Македонија, ќе имаме отворена дискусија за развојот и европската перспектива на Македонија. Мислам дека ќе има повеќе оптимизам по предложената нова Стратегија, која е јасна и им дава перспектива на сите земји од Западен Балкан. Има елементи и причини за оптимизам, бидејќи и на билатерален план дојде до развој кој дава малку повеќе оптимизам. Ние се надеваме дека развојот ќе оди во таа насока и дека сите македонски проевропски политички сили ќе го употребат Парламентот како политичка рамка за разгледување и одлучување на европската политика. Македонија некогаш беше прва земја на патот кон полноправо членство и ние сакаме по ова долго чекање во чекаланата, сега Македонија да тргне повторно и јас сум многу задоволен што ќе се состанеме во полн формат и со тоа ќе ја продолжиме соработката“- вели европратеникот Петерле.

Македонската собраниска делегација во комитетот, ја сочинуваат пратениците Горан Милевски, Антонијо Милошоски, Бетиан Китев, Ејуп Алими, Реџеп Мемеди и Жаклина Лазаревска.

Пред мешовитиот комитет треба да се обрати и македонскиот шеф на дипломатијата Никола Димитров, по што македонските и европските пратеници ќе разменат мислења и за спроведувањето на Планот 3-6-9, препораките од групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото, со акцент на реформи во судството, изборните реформи, реформи во работата на Собранието, реформи во медиумите, реформи во јавната администрација, соработката со граѓанското општество, меѓуетничките односи, добрососедството и регионална соработка, имплементирањето на Охридскиот рамковен договор, новиот Закон за употреба на јазиците и Берлинскиот процес и дополнителните активности по самитот во Трст.

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ