Расте бројот на жртви во земјотресот во Тајван

07.02.2018 13:07

Последователните потреси ја отежнуваат спасувачката операција на Тајван каде што се зголемува бројот на жртвите. Хоспитализирани се стотици луѓе, а има и исчезнати...

Спасувачките екипи со помош од војската трагаат по стотици исчезнати по земјотресот од 6,4 рихтери на Тајван. Засега се потврдени неколку смртни случаи во туристичкото место Хуалин на источниот брег. Над двесте луѓе се хоспитализирани. 800 лица се евакуирани поради последователните потреси. Меѓу урнатите згради се и хотелот „Маршал“ и една болница. По главниот, којшто бил почувствуван и во тајванската престолнина Тајпеј на далечина од 160 километри, следеа уште неколку последователни, но со помала магнитуда. Потресот оштети важен автопат и два моста. 40.000 останаа без водоснабдување. Хуалин има околу 100.000 жители.

„Се натпреваруваме со времето кое е пресудно сега. Се надевам дека брзо ќе го расчистиме теренот за да успеат екипите да ги спасат луѓето. Ова е најважната задача“, изјави Цај Инг-Вен, претседател на Тајван.

„Внатре е брат ми, и еден негов колега. Спасувачите се обидуваат да стигнат до сите коишто останаа внатре. Тоа е состојбата засега“- вели еден жител.

Во последниот месец, Тајван преживеа над 100 земјотреси. Островот се протега врз линија која поврзува две тектонски плочи така што е во категоријата на трусни подрачја.

Последниот потрес се случи на втората годишнина од смртоносната природна катастрофа во градот Тајнан во која загинаа 116 луѓе.

Маја Филдишев