Ќе се бара долгорочно решение за дислокација на Државниот архив

07.02.2018 15:50

Ќе се бара долгорочно решение за дислокација на Државниот архив, откако поројните дождови го поплавија објектот. Владата тврди- најголем дел од архивските материјали се заштитени. На последната седницата донесени и повеќе други одлуки.

Владата бара долгорочно решение за дислокација на Државниот архив кое нема да биде на штета на буџетот, ниту пак на архивската граѓа и на оваа институција воопшто, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

„На владината седница се разгледа информацијата за надминување на проблемот со канцеларискиот простор и депото на Државниот архив. Ова ситуација е резултат на исклучително нелогичко однесувања на претходната Влада. Решението кое ќе го донесе оваа Влада ќе биде долготрајно, во интерес на Репубика Македонија, за заштита на Архивот бидејќи сме свесни дека тие документи се национално богатство“,изјави владиниот портпарол Бошњаковски.

Штетата која ја предизвикаа последните обилни врнежи сè уште се проценува. Во врска со проблемот што го предизвикало испразнетото директорско место во Управата за водење матични книги, Бошњаковски кажа дека проблемот во следниот период ќе се реши и вработените ќе ги добијат своите плати, чија исплата доцни. Управата, кажа тој, во моментов нема директор, бидејќи Ѓоко Котевски беше именуван за директор на Затворот Скопје.

На владина седница се разгледувала и информацјата за законската измена за кратење на објавата за оглас при вработувањето, кое, како што објасни Бошњаковски, е препорака на извештајот на Дуинг Бизнис 2018.

„Министерството за труд и социјална политика имаше негативно мисалење, бидејќи ваквата одлука би била противуставна и не би ги вклучила сите засеганти страни“- рече Бошњаковски.

Се зголемува бројот на институциите кои задолжително мора да ја објават листата на 21 документ што се сметаат за јавен интерес на граѓаните. Листата се проширува со јавни претпријатија, самостјни органи на државната управа основани од Владата и од Собранието, правни лица со јавни овластувања и акционерски друштва во државна сопственост.

 

Марина Стојанова- Тонева