Разговори за името

07.02.2018 16:27

Сакаме решение, но не по секоја цена. Премиерот Зоран Заев најави за наредната недела нова македонско- грчка средба на министерско ниво, со посредништво на медијаторот Нимиц...

Име со географска одредница кое нема да задира во идентитетот и достоинството на двете страни- ова е ставот на македонската Влада, вели премиерот Зоран Заев. Не прецизираше за каква одредница станува збор, но посочи дека Уставот на Република Македонија веќе бил променет. Идната недела најави средба на посредникот Нимиц со шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Димитров и Коѕиас.

Решението за името мора да го гарантира идентитетот и достоинството на двете страни и тука нема дилеми. Тоа нешто што минимум се очекува. Апсолутно знаеме што е тоа што е возможно, што е тоа што е дозволиво и до каде треба да одиме. Ќе направиме се да изнајдеме решение на овој горлив 25- годишен проблем, но не по секоја цена“, порача премиерот Заев.

Еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан во интервју за „Дојче Веле“ вели дека очекува решение за името во блиска иднина.

„Потребно е лидерство и ако сакате и државништво, не само да се најде решение туку и за да се постигне согласност и да се обезбеди неопходното политичко мнозинство. Тоа е предизвик за лидерите во двете земји. Јас сум во постојан контакт со нив, и тие се многу посветени и знаат дека е важно да се најде решение, затоа што не може да остане таков нерешен проблем меѓу две земји во центарот на Европа“, изјави еврокомесарот Хан.

Грчкото министерство за надворешни работи ја поздрави одлуката за преименување на аеродромот и на автопатот, ја оцени како позитивен чекор.

„Одлуката е позитивен чекор за пресврт на она што беше направено во изминатата деценија и ги отежна односите меѓу двете држави. Тоа е важен развој во насока на справување со иредентизмот и се надеваме дека ќе значи отворање на ново поглавје во односите меѓу двете земји и двата народа“, соопшти грчкото МНР. 

Премиерот Зоран Заев соопшти дека Владата е подготвена да прифати име со географска одредница. ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара одговор дали името ќе има англиска транскрипција, дали ќе биде само за меѓународна употреба, дали Владата на Заев е подготвена за отстапки и за Уставот, јазикот, националноста и меѓународните кодови на земјава. 

 

Ирина Гелевска