Средба Китаровиќ- Вучиќ за војната во СФРЈ, малцинствата, границата и економијата

12.02.2018 12:57

Со интонирање на химните на Хрватска и на Србија, претседателката Колинда Грабар Китаровиќ го пречека својот српски колега Александар Вучиќ кој е во дводневна посета на Хрватска. Иницијатива за средбата на Китаровиќ е со цел да се поместат од мртва точка долгодишните отворени прашања. Односите Загреб- Белград беа дополнително влошени поради српската изолжба за логорот во Јасеновац во седиштето на Обединетите нации...

Силно полициско обезбедување во Загреб за српскиот претседател Вучиќ кој се сретна со хрватската колешка Колинда Грабар Китаровиќ. Чувствителните прашања од распадот на поранешна Југославија и војната во 90-тите години на минатиот век се доминантна тема на разговорите.  Судбината на исчезнатите лица и културното богатство во југословенската војна, соработката при апсење на осомничени воени злосторници, состојбата на малцинствата, и нерешеното гранично прашање доминирале на средбата.

Стотици вдовици на хрватските бранители во Југословенската војна и здруженијата на воените ветерани се собраа во центарот на Загреб.

„Доста ни е од навреди од високи претставници од србија, како Вучиќ, Дачиќ,  како и од оние кои не им се потсмеваат на страдањата на Хрватите и не признаваат агресија. Оние кои не признаваат дека четниците се оние кои вршеа агресија против Република Хрватска и кои ги кроеја границите“.

Инаку, Вучиќ требаше во Загреб да дојде при крајот на минатата година, но посетата беше одложена поради незадоволството на официјален Загреб со поставувањето на споменикот на Милан Тепиќ во Белград, мајор во некогашната  Југословенската народна армија (ЈНА) кој учествувал во нападите против Хрватска.

Пред околу две години, на средбата на во Србија потпишаа т.н. „Суботичка декларација за подобрување на односите и решавање на отворените прашања меѓу Хрватска и Србија“.

Маја Филдишев