Прилеп

Вработените во „Еурокомпозит“ на протести и блокади

12.02.2018 15:34

Вработените во прилепската наменска фабрика и единствен загубар „Еурокомпозит“ продолжуваат со протести. Денеска еден час го блокираа магистралниот пат Прилеп- Градско пред превојот Плетвар. Бараат исплаат на бруто плата и на заостанатите придонеси, а на директорите им поднесоа кривична пријава. Синдикатот е отворен за преговори, но не се согласува со исплата на аванси...

Остануваме на нашите барања- исплата на бруто плата и на заостанатите придонеси од 2012 година, но и на протести за крајно решавање на состојбата во наменската фабрика и единствениот загубар „Еурокомпозит“, порачаа денеска вработените кои излегоа на едночасовна блокада на магистралниот пат Прилеп- Градско пред превојот Плетвар.

Несериозен е предлогот на менаџментот да се работи за аванс од 5.000 денари. Тоа се случува со години.

Синдикатот поднесе кривична пријава против менаџментот на компанијата зашто се сомневал дека од компанијата преку ДООЕЛ „Композитна опрема“ се префрлиле околу 90.000 евра на непостоечка фирма во охридско Велгошти на еден од директорите.

Парите биле аванси од Владата за сработеното. Генералниот директор Александар Кузески ги демантира наводите и ги повикува Финансиската полиција, Државниот завод за ревизија и сите институции да ја преиспитаат ситуацијата.

Во „Еурокомпозит“ се околу 260 вработени. Најавуваат дека протестите ќе продолжат.

 

Елизабета Митреска