Афера „Новартис“

Ципрас: Ќе ја искористиме секоја правна можност да му ги вратиме парите на грчкиот народ

13.02.2018 15:26

„Ќе ја искористиме секоја правна можност за да му ги вратиме парите на грчкиот народ“- премиерот Ципрас не се откажува од аферата со фармацевтската компанија „Новаритис“. Парламентот одобри истрага за евентуална вмешаност на поранешни политичари. Опозицијата ги отфрли обвинувањата како обид за дискредитација на противниците на владата...

Грчкиот Парламент го одобри барањето на премиерот Алексис Ципрас за парламентарна истрага за вмешаноста на поранешни премиери и министри во големиот корупциски скандал со фармацевтската компанија „Новаритис“.   

Тие може да бидат кривично гонети само со евентуалното одобрение од страна на Собранието по спроведената истрага, чиј почеток е најавен за крајот на месецов.

„Владата нема да се откаже од барањето на средствата што Новаритис ги одзема од грчкиот народ. Ние ќе ја искористиме секоја можност дадена од страна националното и меѓународното право завраќање на украдените пари од грчкиот народ до последно евро“, изјави премиерот Ципрас.

Швајцарската компанија се сомничи дека поткупувала високи грчки функционери за зголемување на продажбата и цените на нивните производи во државните болници, со што Грција била оштететена за околу три милијарди евра. 

Меѓу високите државни претставници вмешани во скандалот се споменуваат и поранешниот премиер од Нова Демократија- Андонис Самарас, како и неговиот поранешен министер и актуелен европски комесар за внатрешни работи Димитрис Аврамопулос. Тие заедно со уште осуммина други се сомничат за противзаконско кревање на цените на лековите и дека и дале привилегирана положба на компанијата на грчкиот пазар.

Весникот „Катимерини“ пак информира дека овој случај е во центарот на вниманието токму сега, бидејќи целта е да се сврти вниманието од преговорите за името, во чии рамки покрај оптимизмот, знаците сепак, не биле добри.

Обвинувањата за скандалот беа откриени во доверлив извештај подговен од грчкото анти-корупциско обвинителство, како резултат на нивната четримесечна истрага спроведана во соработка со американските власти.

Марија Котовска