Зголемени субвенции за тутун

13.02.2018 16:07

Владата донесе одлука за зголемување на субвенциите за тутун. Ќе се стимулира квалитетот. Производителите на прва класа ќе добиваат по 80 денари за килограм...

Тутунарите ќе добиваат повисоки субвенции. Владата воведува три нивоа на поддршка- 80 денари за прва класа, 70 за втора, проценетата трета и останатите класи од државната каса ќе се субвенционираат со по 60 денари за килограм продаден тутун. Ресорниот министер очекува, стимулациите да донесат поквалитетно производство. Николовски оценува, реколтата од 2017-та е со најдобар квалитет, досега откупени биле 23,5 милиони килограми по просечна цена од 217,5 денари за килограм.

„Согласно откупната цена по класи, вкупната исплатена сума кон тутнарите ќе биде 80 милиони евра. Со зголемените субвенции ќе им бидат исплатени 28 милиони евра на име субвенции. Што значи реколата 2017-та на 23 илјади семејства им обезбедува приход од вкупно 100 милиони евра“, посочува министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

Со законските корекции за тутун ќе се укине поднесувањето на евиденти листови, тутунарите директно ќе склучуваат договори со откупните претпријатија. Политиките во тутунопроизводството според Владата се креираат во согласнот со меѓународните институции.

И покрај стимулацијата со повисоки субвенции, Николовски тврди дека ќе бидат прифатени и забелешките на Светската здравстевна организација да се произведува помалку од оваа култура, и со парите од ИПА ќе се пренаменува земјоделското земјиште засадено со тутун за други култури.

За доценњето на најавеното обештетување на 15.800 пријавени земјоделци за штети од мразот лани од кои 2.000 се за јаболката во преспанскиот регион, министерот Николовски тврди дека се завршени вештачењата од страна на Бирото, се чека владината одлука за исплата на штетите.

Сузана Фиданска- Стоевска