Јавна расправа за Законот за јавни набавки

14.02.2018 15:45

Новиот Закон за јавни набавки отворен за дебата. Надлежните ветуваат ефикасни постапки, поголема контрола и заштита од корупција. Решението е работено по европските правила и практики...

Од јануари 2019-та ќе се применува новиот Закон за јавни набавки, а министерот за финансии очекува Собранието да го донесе до октомври годинава. Целта е да се зголемат транспарентноста, но и контролата на постапките, вели ресорниот министер Драган Тевдовски. Во текстот на Законот се вградени предлози и решенија со кои се надминуваат слабостите нотирани од стручната јавност и од Европската комисија.

„Законот дава можност покрај цената да се вреднува и квалитетот. Договорниот орган ќе може сам да бира кој критериум ќе го користи: најниската цена, исплатливоста врз основа на животниот век на производот или најдобриот однос меѓу цената и квалитетот“, изјави министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Проектот е поддржан од СИГМА, а во делот за зајакнати контролни мехамизми во регулативата се вградени добрите практики од Романија и од Полска.

„Системот е во согласност со главните обврски на ЕУ, но тековниот систем е се уште премногу бирократски, фокусиран на формалности и многу често се занемарува ефикассноста“, вели Мариан Лемке, претставник на СИГМА.

Електронската аукција останува, но како опција, велат од Бирото за јавни набавки. Со тоа ќе се елиминираат негативностите, незаконското договарање и кревањето на цените, во отсуство на вистинска конкуренција.

„Се подига прагот за јавни набавки. Сега најнискиот праг е 1.000 евра, односно 2.000 евра во секторските дејности. Зголемувањето на паргот е на барање на деловната заедница. Со тоа се олеснуваат малите набавки. Ги решаваме проблемите на нови училишта и нови градинки кои што имаат дефицит на кадар што работи на јавни набавки“, изјави Ѓорѓи Георгиевски, в.д. директор на Бирото за јавни набавки.

И со ова зголемување на прагот на јавни набавки ние сѐ уште сме под сите земји во регионот и не би требало да се стравува од зголемување на корупцијата, вели Георгиевски. Се воведува е- пазар на мали јавни набавки, во вид на електронски каталог, што би требало да овозможи ефикасно решавање на набавките со мала вредност.

Во соработка со Светска банка, Бирото веќе работи на проект на т.н. „црвени знаменца“, решение кое ќе се вгради во електронскиот систем за јавни набавки, а тие црвени знаменца ќе бидат индикатори, показатели на корупција, појаснува в.д. директорот Георгиевски.

Свето Николовски