САД

Масакр во училиште во Флорида

15.02.2018 10:15

Кобен „Валентин“ на Флорида. Поранешен ученик уби 17 соученици и вработени луѓе во училиштето од каде што бил исфрлен. Многумина се повредени, а тројца од нив се во критична состојба. Ова е шестиот вооружен напад во училиштен објект годинава во кој има повредени или загинати...

Масакр во гимназија во Флорида, 17 луѓе се убиени од средношколец кој бил исфрлен од училиштето во Паркленд, поради недисциплина. Со автоматска пушка, 19- годишниот Николас Круз усмрти 12 лица во објектот, меѓу кои и соученици, а потоа уште неколкумина настрадаа и пред училиштето. Очевидците велат дека осомничениот го активирал противпожарниот аларм пред да отвори оган во училиштето. Оние коишто го познавале убиецот очекувале дека ќе се случел ваков инцидент бидејќи Круз објавувал загрижувачки пораки на социјалните мрежи.

Избезумени беа сите. Некои стоеја вкочанети, некои се јавуваа на мобилните телефони. Првин мислеа дека е шега, но не беше.

Знаев дека се случува нешо пострашно. Сите пишуваа пораки, мислам дека сакаа да ги информираат другите што се случува.

По масакрот Круз мирно им се предал на полициските службеници. Во тек е утврдување на идентитетот на сите загинати.

Згрозен сум што се убиваат деца кои одат на училиште. Оваа нација мора да направи нешто. Доколку некој има психички проблеми треба да се лекува. И тие кои се жртви на вакво заболување не смеат да купуваат, да имаат пристап или да носат огнено оружје. Не смеат да се комбинираат овие две работи“, изјави Скот Израел, шериф.

На „Твитер“, претседателот Доналд Трамп им изрази сочувство на семејствата на жртвите и го осуди нападот, дополнувајќи дека со силите на редот Белата Куќа работи на утврдувањето на причините за трагедијата.

Ова е шестиот вооружен инцидент во училишен објект годинава во САД во кој има повредени или загинати. Воедно и најсмртоносниот по оној во Конектикат во 2012 година во кој беа убиени 26 луѓе.

 

Маја Филдишев