Раст на трошоците на живот и цените на мало на годишно ниво

15.02.2018 12:45

Во јануари годинава во однос на декември минатата година трошоците на живот се намалени за 0,4 отсто, а цените на мало за 0,1 отсто.

Трошоците на живот во јануари годинава споредено со јануари минатата година се зголемени за 1,1 процент, а цените на мало за 2,3 процента, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Во јануари годинава во однос на декември минатата година трошоците на живот се намалени за 0,4 отсто, а цените на мало за 0,1 отсто.

Податоците на ДЗС покажуваат пораст на трошоците на животот во јануари година, во споредба со претходниот месец кај свежото и разладеното овошје за 2,6 проценти, рибата и морските плодови за 1,3 проценти и јајцата за 0,3 проценти.

Во јануари, исто така, пораст на трошоците на животот е евидентиран и кај течните горива за домаќинствата за 10,4 проценти, телефонската и телефакс опремата за 9,8 проценти, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 2,7 проценти, другите лични предмети за 2,5 проценти, градините, растенијата и цвеќињата за 2,4 проценти, домашните миленици и сродните производи за 2,2 процента.

Кај услугите за одржување на станот, туристичките пакет-аранжмани има пораст од 1,2 процента, резервните делови и опрема за сопствен превоз за процент, станарините и автомобилите за 0,7 проценти, другите услуги за опрема за сопствен превоз, дисковите, касетите, дискетите, цедеата, филмовите за 0,5 проценти, патниот сообраќај за 0,4 проценти, лековите за 0,3 проценти, другите услуги поврзани со станот неспоменати на друго место, другите медицински производи, одржување и поправка на сопствените сообраќајни средства, накитот и часовниците за 0,2 процента.