САД

Масакр во училиште на Флорида, убиени 17 лица

15.02.2018 13:05

Кобен „Валентин“ на Флорида. Поранешен ученик застрела дваесетина луѓе во училишниот комплекс во Паркленд. 19- годишниот Николас Круз е во притвор. На социјалните мрежи објавувал загрижувачки содржини. Ова е шестиот вооружен напад во училиштен објект годинава во кој има повредени или загинати...

Дваесетина луѓе се убиени во средно училиште во Паркленд, Флорида откако поранешен ученик кој бил отпишан од школото поради дисциплински прекрошоци, отворил оган кон пристуните. Со полуавтоматска пушка АР-15, 19-годишниот Николас Круз, усмрти 12 лица во објектот, меѓу кои има и ученици. Неколкумина настрадаа и пред училиштето каде што, според полицијата, почнале пукотниците. Очевидците велат дека несудениот матурант го активирал противпожарниот аларм пред да отвори оган. Носел гас-маска, а со димни бомби ги натерал присутните да побегнат во ходникот каде што потоа лесно можел да ги бира жртвите во толпата.

Избезумени беа сите. Некои стоеја вкочанети, некои се јавуваа на мобилните телефони. Првин мислеа дека е шега, но не беше.

Знаев дека се случува нешо пострашно. Сите пишуваа пораки, мислам дека сакаа да ги информираат другите што се случува.

Оние коишто го познавале Круз очекувале дека ќе се случел ваков инцидент бидејќи подолг период тој објавувал загрижувачки пораки и фотографии на социјалните мрежи.

Го избркаа од училиште. Правеше невидени работи. Носеше и оружје, лично имам видено неколку парчиња, ми ги покажуваше.

Џим Луис, адвокатот на семејството на осомничениот тврди дека никој не забележал предупредувачки знаци. Круз бил посвоено дете. Работел во продавница и посетувал центар за образование на возрасни.

Момчето живееше овде во последните 90 дена. Неговата мајка почина во ноември и ова семејство ја презеде обврската да се грижи за него. Го познаваат од средното училиште. Шокирани се и немаат коментар. Рекоа дека ќе соработуваат во истрагата“, изјави Џим Луис адвокат на семејството на Круз.

На „Твитер“, претседателот Доналд Трамп им изрази сочувство на семејствата на жртвите, дополнувајќи дека со силите на редот Белата Куќа работи на утврдувањето на причините за трагедијата. Ова е шестиот вооружен инцидент во училишен објект годинава во САД во кој има повредени или загинати.

 

Маја Филдишев