Осум компании најавија инвестиции, ќе се отворат 1.500 нови работни места

15.02.2018 16:04

За два месеца, осум компании се во фаза на реализација на своите проекти во слободните економски зони. Предвидените инвестиции изнесуваат 73,5 милиони евра. Планирано е отворање на повеќе од 1.500 работни места. Со 400 милиони денари ќе се доизгради инфраструктурата во зоните. Вицепремиерот Анѓушев оцени дека се стабилизира економијата...

Владата излезе со првите официјални податоци за износот на странски директни инвестии договорени во нејзиниот мандат. Се пофали дека во споредба со претходната Влада која реализирала 23 инвестиции, тие не потрошиле ниту денар за привлекување нови инвеститори, а за само два месеца договориле осум инвестиции. На новинарско прашање вицепремиерот Анѓушев изјави дека со некои од нив веќе разговарале нивните претходници, но немале склучени договори.

„Сакам само да споредам, седум години и 225 милиони евра потрошени пари за 23 инвестиции и два месеца, нула потрошени пари за промоција, промотори и роудшоуа и осум инвестиции. Во тие осум инвестиции ќе бидат инвестирани над 73,5 милиони евра или просечно околу 10 милиони евра по инвестиција и ќе бидат вработени над 1.500 лица. Точно е дека овие компании доаѓале во Република Македонија и разговарале, но точно е дека овие компании немале договори и не се договориле. Точно е дека овие компании ние ги договоривме со новите критериуми и тоа е апсолутната разлика“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Најнова е инвестицијата на албанската фармацевтска компанија „Саген“ во ТИРЗ-Скопје 1. Ќе инвестираат 20 милиони евра, а ќе се отворат до 300 работни места.

„Изведбата на производствениот капацитет ќе започне во јуни годинава. Сите фази се планирани да завршат во рок од пет години од започнувањето на градежните активности“, изјави Александар Младеновски, директор на Дирекција за ТИРЗ.

Анѓушев соопшти дека Владата разговара со околу 30 потенцијални инвеститори,а 6 од веќе присутните странски инвеститори во земјата најавуваат нови вложувања, според новите мерки. Министерот за економија Бектеши најави дека Законот за финансиска поддрршка на инвестициите е веќе поставен на ЕНЕР системот, а се очекува Собранието во најскоро време и да го донесе.

„Мерките од овој план за економски раст, кој ги содржи насоките и барањата на деловната заедница се дадени во 3 столба: финансиска поддршка на инвестициите, финансиска поддршка за конкурентноста, како и финансиска поддршка на малите и на средните претпријатија“, вели Крешник Бектеши, министер за економија.

За имплементацијата на финансиската поддршка ќе бидат задолжени две комисии, едната во Дирекцијата за ТИРЗ, а втората во Владата, додека исплатата на средствата ќе се врши преку Владата и Агенцијата за вработување, најави вицепремиерот Анѓушев.

 

Свето Николовски