Вработените во „Еурокомпозит“ го разгледуваат владиниот предлог

15.02.2018 16:25

Синдикатот на наменската фабрика „Еурокомпозит“ утре ќе донесе одлука за владиниот предлог што го доби на средбата со вицепремиерот Кочо Анѓушев, со минситерот за транспорт и врски Горан Сугарески, со раководството на компанијата и со гранковиот синдикат СИЕР. Се бара трпение и работа за да се најде стратегиски инвеститор до средбата дојде по петдневниот протест на вработените...

Да се работи наредните шест месеци, вработените ќе добиваат бруто плата, но преку другата фирма- Композитна опрема, а во меѓувреме да се бара стратегиски инвеститор за компанијата и да се исчистат побарувањата, е владиниот предлог што го добија вработените од „Еуркомпозит“ по вчерашната средба со вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Што се однесува до можни пакети за технолошки вишок кои опфаќаат 120 од вкупно 260 вработени, треба да се направат анализи со Министерството за труд и социјална политика. Синдикатот вели дека утре ќе го соопшти ставот.

Според гранковиот синдикат СИЕР нема друга алтернатива освен да се продолжи со работа во овој шестмесечен рок и конечно да се реши агонијата на „Еурокомпозит“. Побарувањата, зостанатите плати и придонеси, нема да им пропаднат на работниците.

Менаџментот на комбинатот вели дека речиси има подготвен план и сите анализи ќе траат 10-ина дена.

На разговорите била спомената кривичната пријава што Синдикатот ја поднесе против раководството. Вицепремиерот Анѓушев побарал комплетна документација за тоа.

 

Елизабета Митреска