Кејптаун

Јужноафриканската Република ќе добие нов претседател

15.02.2018 16:32

По големите притисоци од неговата партија и многубројните обвинувања за корупција, претседателот на Јужноафриканската Република, Џејкоб Зума си поднесе оставка. Тој се соочи меѓу опцијата сам да се повлече или да му се изгласа недоверба во Парламентот. За негов наследник е избран Сирил Рамафоза...

Претседателот на Јужноафриканската Република, Џејкоб Зума си поднесе оставка под притисок од неговата партија, Африканскиот Национален Конгрес. Во својата изјава наведе дека не се согласува со одлуката на неговата партија, која го предупреди или да се повлече или да се соочи со гласање недоверба во Парламентот.

„Мојата партија, НЦА никогаш не смее да биде поделена во мое име. Токму затоа ја донесов одлуката да поднесам оставка. Ќе продолжам да му служам на народот на Јужна Африка, како и на НЦА, организацијата на која и служам целиот мој живот“, изјави Џејкоб Зума, претседател во оставка.

Партијата официјално побара од Зума да поднесе оставка за доброто на земјата. Одлуката е донесена по маратонскиот состанок меѓу претседателот во заминување и неговиот наследник Сирил Рамафоса, кој беше избран за нов претседател на земјата. Рамафоса, кој е лидер на владејачката партија Африкански Национален Конгрес беше единствениот номиниран кандидат во Парламентот.

Граѓаните не го кријат задоволството од оставката на зума.

„Тешко беше за него да поднесе оставка. Ние, жителите на Јужна Африка го чекавме тој момент. Земјата не беше во добра состојба поради него, и вака нема да биде во заложништво на еден човек. Добро е што поднесе оставка“.

„Тој беше погрешниот човек за таа задача. Го стави неговото семејство и самиот себеси и на прво место“.

„Зума ја донесе вистинската одлука со оставката. Сега да видиме што има Рамафоса за нас“.

„Ова е фантастичен ден. Во воздухот се чувствува победа за Јужна Африка“.

Врховниот суд во 2016-та пресуди дека Џејкоб Зума го прекршил Уставот кога не успеал да ги исплати парите на Владата, кои ги потрошил на својата приватна куќа. Врховниот Апелациски суд лани пресуди дека претседателот мора да се соочи со 18 точки за корупција, измама, рекетирање и перење пари во врска со договорот за вооружување од 1999 година. Јужноафриканската економија е во стагнација за време на деветгодишното владеење на Зума, а банките и рударските компании не сакаат да инвестираат во таа земја поради широко распространетата корупција и нестабилност.

 

Марина Ристова