Прилепските прочкари со оригинална маска за каревалот

16.02.2018 10:34

Во Прилеп почнуваат тридневните карневалски свечености. Денеска е изложбата на маските од прилепските ученици, утре е детскиот карневал, а в недела ќе дефилираат над 1.000 маскирани од земјава и странство. Ќе има многу шега и прилепски мајтап. А Прочка не може да се замисли без своите прочкари Горан Ржаникоски и Коста Петрески- мајсторите за групни маски. Љубоморно ја чуваат најновата оригинална маска.

Тие се мајстори на маскирањето, а прилечани ќе речат, на преправањето. Горан и Коста веќе 17 години се неизбежен дел од прилепскиот карневал. Сами изработуваат групни маски за 30 до 40 луѓе, ги пренесуваат традицијата, современото живеење, мајтапот, смеата, љубовта кон уметноста на маските. Тие се „Прилепските прочкари“. Велат, друг човек си кога е маската на тебе.

Биле прилепски мајмуни, шеици кои го купуваат тутунот, Крали Марко и црна Арапина, свадбари, специјална единица. Работат цела година, купуваат материјали, интензивно се подготвуваат последните четири месеци. Велат - има реквизити за цел музеј. За Прочка, пак прават спектакуларна маска. Засега е тајна.

Учествувале на речиси сите Балкански карневали. Маските и маскирањето се нивниот живот.

В недела на карневалското дефиле на маските прилепските прочкари Горан и Коста нема да ги препознаете. Ќе бидат зад својата нова, оригинална маска.

 

Елизабета Митреска