Обединетото Кралство и САД ја обвинија Русија за компјутерскиот вирус „НотПетја“

16.02.2018 13:52

Обединетот Кралство и Соединетите Американски Држави ја обвинија руската војска за компјутерскиот вирус „НотПетја“ кој предизвика штета во Украина и во други делови од светот. Поради стравување од нови инциденти, Демократите во Конгресот бараат поголем финансиски фонд за заштита од хакерски упади во системите во изборните периоди. Официјална Москва возврати- западот води русофобска кампања.

Соединетите Американски Држави ја обвинија Русија за ланскиот кибернетички напад наречен „НотПетја“, кој во јуни ги оштети компјутерите на владата и на водечките фирми во Украина пред да се прошири низ други делови од светот. Предизвиканата штета од хакерите е проценета на над 1,2 милијарди долари.

Соопштението на Белата куќа следеше неколку часа откако британската Влада изјави дека нападот е дело на Русија, повикувајќи се на заклучокот од многу експерти за безбедност во виртуелниот простор од приватниот сектор.

„Нападот во 2017 година се прошири низ делови од светот предизвикувајќи штета од милијарди долари во Европа, Азија и двете Америки. Ова беше дел од актуелните напори на Кремљ за дестабилизација на Украина и јасно се гледа руското соучество во сегашниот спор“, изјави портпаролот на Белата куќа, Сара Сандерс.

Официјална Москва ги негира обвинувањата, тврдејќи дека неколку западин земји спроведуваат русофопска кампања. Во меѓувреме, демократите во американскиот Конгрес поднесоа предлог- закон со кој се предвидува сума повисока од милијарда долари за подобрување на кибернетичката заштита на американскиот изборен систем.

Специјалните служби претходно најавија дека е голема веројатноста Русија повторно да се вмеша. По изборите во 2016-та година, на кои беше избран републиканецот Доналд Трамп, конгресмените поднесоа неколку закони за подобрување на безбедноста на изборниот систем кои не беа прифатени. 

 

Маја Филдишев