Конференција

Светската банкарска елита во Скопје

16.02.2018 15:36

Разговори за посилен раст, монетарната поставеност, ризици и предизвици. Светската финансиска елита на меѓународна конференција во Скопје. ММФ бара структурни реформи за одржливост на пезнискиот систем...

Меѓународниот монетарен фонд бара структурни реформи од Македонија. Приоритет- владеењето на правото и судството, борбата против корупцијата, како и транспарентноста на институциите што треба да ја зголеми довербата во системот и да придонесе за нови инвестиции.

Монетарците бараат и промени на пазарот на трудот за да се намали невработеноста и да се спречи одливот на квалификуван кадар што веќе создава притисок врз пензискиот фонд.

„Дефицитот во пензискиот фонд изнесува 4,5 проценти, но населението старее и се очекува овој процент да се зголеми на 10,5. Ова не е одржливо и нешто мора да се смени. Потребна е корекција на придонесите што се плаќаат за пензиско осигурување. За пензискиот фонд да биде одржлив, ние предлагаме возраста за пензионирање да се зголеми во согласност со земјите од ЕУ, бидејќи е сличен животниот век. Потребно е усогласување на пензиите да се врши само според инфлацијата“, изјави Јасмин Рахман, шеф на Делегацијата на мисијата на ММФ во Македонија.

За Македонија е добро стабилизирањето на политичката ситуација. За повисок раст се потребни инвестиции и зголемување на трговијата- оценува ММФ.

„За овој регион од особена важност е да остане отворен и ангажиран со економиите надвор од регионот. Многу е важно да се зајакнат врските со најголемите трговски партнери“, нагласи Тао Џанг, заменик на извршниот директор на ММФ.

Европската централна банка советува да се создаде финансиско опкружување кое на земјава ќе ѝ овозможи да ги издржи евентуалните нови шокови. За идниот период не планира зголемување на референтната каматна стапка.

„Ние сакаме да се осигураме дека имаме соодветни финансиски услови во Еврозоната кои одговараат на економската ситуација. Имам јасни политики во однос на деловниот циклус во Еврозоната и нема да ги зголемиме каматните стапки пред следниот циклус“, вели Беноа Кере, член на Извршниот одбор на Европската централна банка.

Меѓународните банкари оценија дека глобалната економија заздравува, но на среден и на долг рок има и ризици и предизвици.

„Глобалното закрепнување неодамна зајакна, но сè уште има загриженост во однос на неговата одржливост. Ниската продуктивност и натаму ги замаглува изгледите за идниот економски просперитет и раст, а инфлацијата остана ниска во многу земји. Покрај тоа, постојат геополитички ризици, ризици од прекумерна задолженост и отпорност на финансискиот сектор кон потенцијални нови шокови“, рече Димитар Богов, гувернер на НБРМ.

На меѓународната конференција во Скопје присуствуваа високи претставници од ММФ, Светска банка, Европската централна банка, гувернери, важни луѓе од светот на финансиите. Разговараа за глобалната економија, монетарната поставеност, актуелните и идните предизвици.

 

Мартин Пушевски