Инвестиции

„ВИК“ доби државна помош, ќе произведува кафемати во Прилеп

19.02.2018 16:37

Потпишан е договор со германската компанија „ВИК“ за поддршка на вложувањето во зоната во Прилеп. Инвеститорот ги претстави плановите. Предвидуваат за пет години да се отворат илјада работни места. Владата вети комплетирање на инфраструктурата во зоната...

Германската компанија за електрични апарати „ВИК“ го парафираше договорот со Владата за државна помош. Во инвестицијата тешка шест милиони евра во прилепската развојна зона, ќе произведува кафемати 10 години ослободена од плаќање персонален данок, данок на доход, ДДВ при увоз и царински давачки. Менаџментот ветува директна соработка со локални добавувачи, еколошки стандарди во производството.

„Од клучно значење за нашиот успех ќе биде локално да се снабдуваме со сите потреби за нашето работење, односно да се потпираме на локални производи и локална работна сила. Наш приоритет е да се намали влијанието на објектот врз екологијата на апсолутен минимум и затоа ќе се обидеме да произведуваме само со соларна енергија“, вели Христоф Дерн, сопственик на „ВИК групацијата“.

„ВИК групацијата“ е семејна компанија, има фабрики и во Кина и Индонезија. Од Владата очекуваат, инвестицијата во којашто првично ќе работат 60- тина луѓе да ја раздвижи локалната економија и да го го реализира ветувањето за 1.000 вработувања.

„Инвестицијата во Македонија е во вредност од 6 милиони евра и ќе се отворат 60 работни места. Согласно деловниот план, планира во наредните години да отвори дополнителни вложувањата, инвестицијата да достигне 12 милиони евра и да отвори 1.000 работни места“, посочува Зорица Апостолска, министер за привлекување странски инвестиции.

Владата им вети дека ќе ја догради Прилепската развојна зона, директно со клучка ќе ја поврзе со главниот пат. А „ВИК“ ќе ги добие и сите поволности според Планот за економски раст. Меѓудругото и 20 насто поврат на средства за секоја нето исплатена плата на 18 илјади денари. Анѓушев тврди- во Македонија нема да бидат подржувани вработувања со месечен надоместок под прочената плата, а на „Веибо“ му се заканува стечајна постапка, ако не ги подмири обврските кон вработените, градежните компании и банките, тешки 700 милиони евра. За сотојбите во компанијата реферирале пред Владата.

„Тој има две решенија, прво да донесе капитал да ја санира состојбата, да се раздолжи кон вработените и да продлжи со својата активности или да го продаде капиталот или ако поминат над 45 дена, него му се заканува стечајна постапка, а среќа е што во таа постапка би имало повеќе капитал за намирување отколку обврски“, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Вработените во „Веибо“ веќе неколки недели протестираат со барање да си ги добијат заостанатите плати и да се реши состојбата, а Владата излезе со став дека ќе се вклучи во решавање на проблемот. Ќе бара инвеститор доколку постоечкиот одлучи да си замине.

Сузана Фиданска- Стоевска