Уапсени странски државјани во Србија

20.02.2018 14:05

Во Србија се уапсени осуммина странски државјани, поради обид да фотографираат и да влезат во воени објекти каде што е строго забранет влез на цивилите. Властите чекаат целосен извештај од службите за безбедност...

Српската Воена полиција уапси група странски државјани, вклучувајќи и двајца Американци и две Украинки кои со дрон се обиделе да ја снимаат зградата на поранешниот генералштаб. Двете Украинки се веќе пуштени од притвор и против нив не е покрената кривична пријава.

Министерството за одбрана потврди дека целиот случај е во надлежност на полицијата и на обвинителството. Во зградата на стариот генералштаб сега се сместени Разузнавачката агенција и Безбедносната агенција.

„Не би сакал да му давам преголемо значење на овој случај, но нагласувам дека не верувам во случајности. Одамна не биле регистрирани олку многу странски државјани и обиди за упад во просторот кој го контролира војската на Србија“, изајви Александар Вулин, министер за одбрана на Србија.

„Во претходниот период, имавме случај кој беше посериозен од овој, така што не се на истото ниво. Уапсени се и државјани на други земји, не само од САД, така што мислам дека не е поврзан со претходните апсења. Нема да коментирам додека не добијам извештај од безбедносната служба на Србија“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Во почетокот на месецот во Белград беше уапсен поранешен американски маринец кај кого беше пронајден пиштол со избришан број, а медиумите шпекулираа дека подготвувал атентат.

 

Маја Филдишев