Клуб на експерти: Ќе се извезуваат стручност и знаења

20.02.2018 16:12

За првпат од Македонија ќе извезуваме умови на организиран начин- велат од Стопанската комора. Формиран Клубот на експерти и консултанти што ќе работи на поттикнување на конкурентноста на приватниот сектор со знаења и иновации. Владата ветува подршка за развојните проекти до 70 насто од инвестицијата...

Бизнис заедницата формира клуб на консултанти и екперти. Организирано ќе извезува стручност и знаења за развој на меѓународни проекти. Високостручните кадри од регистарот на Стопанската комора со екпертски вештини во енергетиката, индустријата и транспортот ќе бидат ангажирани преку швајцарската АФ Консалт и други светски реномирани консултанстки куќи.

„За прв пат ќе извезуваме умови од Македонија на организаран начин. Можеби нема да се снајдеме најдобро, бидејќи ни е прв пат, но ќе научиме од искуството. Ќе работиме максимално напортно, прецизни јасно и програмирано да стане реалност и вие да добиете шанса преку СКМ да го извезувате вашиот ум во странстно и да заработиме сите од тоа“, нагласи Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Во Македонија има искусна и професионална работна сила во инженерството што може да извезува експертски вештини низ целиот свет- оценуваат искусните Швајцарски консултанти чија компанија има 10 илјади вработени инженери во 25 земји.

„Главно ќе бидеме насочени кон меѓународниот пазар со што ќе се обезбеди македонските експерти да бидат видливи на меѓународниот пазар“, посочува Хуберт Хост, АФ Консалт - Швајцарија.

Владата очекува научната и стручна јавност да направат исчекор кон технолошкиот развој на македонската економија, интелектуалниот труд да го вгради во производи со повисока вредност

Ова е начинот како во соработка со реномирани куќи како што е АФ Консалт и со локалните ресурси и знаења кои ги имаме во државата да придонесеме за развојот на локалната индустрија, но и да извезуваме памет во светот“- вели вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Поголемо искуство и можност за надоградба, оценуваат консултантите од земјава. Бараат партнерски однос со консултанстките куќи.

„Сметам дека соработката треба да се изгради на партнерски однос со консултантските куќи од земјава, не со поединци кои ќе бидат користени во тимови за проекти, бидејќи на тој начин ќе се даде тежина на соработката“, вели Константин Димитров – консултант.

„Се бараат експерти со „дебело досие“, со искуство во подготовка на проекти, познавање на англиски јазик, добро да пишуваат, да имаат искуство во имплементација на проекти и се разбира да бидат подготвени да патуваат“, посочува Никола Битрак, АФ Консалт- Македонија.

Консултантската куќа АФ работи на проекти финансирани од Светска банка и ЕБРД. Во Македонија партиципираат на Вардарска долина, Бошков Мост, Чебрен и Галиште.

 

Сузана Фиданска Стоевска