Алаѓозовски: Темелни реформи и обнова на културниот систем

20.02.2018 16:36

Владата усвои Стратегија и Акциски план за развој на културата. Реализацијата на планот е за 2018- 2022 година. Се предвидуваат темелни реформи и обнова на културниот систем. Министерот со одговор и за обвинувањата за распределбата на средства за годишната програма...

Усвоена е Стратегијата за развој на културата 2018- 2022 година. Со акцискиот план се отвoра процес на темелни реформи и обнова на културниот систем, вели министерот Алаѓозовски.

Стратегијата предвидува поголема поддршка за општините за нови културни установи, реформирање на системот за финансирање, нова стратегија за развој на филмската дејност, санирaње на Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Заштитата на културното наследство ќе биде врвен приоритет, вели Алаѓозовски.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Алаѓозовски ја дефокусира јавноста од катастрофалната распределба на буџетски пари. „Јавноста очекуваше Алаѓозовски да каже дека ја повлекува скандалозната годишна програма на Министерството и дека од морални причини си дава оставка“, рекоа од партијата. Според нив, стратегијата е политички памфлет и не нуди развој на културата. ВМРО-ДПМНЕ претстави и нови забелешки за поддржаните проекти од годишната програма.

Ние сме максимално отворени и преземавме храбар чекор што ги објавивме имињата на добитниците и добиените средства, реагираше Алаѓозовски. Тврди дека ништо не се прикрива, ниту се одбегнува одговорност. Упати апел до институциите и граѓаните, кои доколку имаат сознанија за неправилности да пријават во Министерството.

 

Викторија Милевска