Војната во Сирија го менува правецот, главниот фронт се префрли во Источна Гута

21.02.2018 12:50

Провладините сили на Сирија, поддржани од Русија, ги интензивираа обидите за преземање на Источна Гута. Бројот на цивилни жртви се зголемува, а оние што овој пат успеале да се спасат велат: „Ако не нè убие оружјето, ќе нè убие гладот“. Последното упориште на бунтовниците во околината на сириската престолнина Дамаск е под опсада на силите на претседателот Ал Асад од 2013-та година. Русија, Иран и Турција ја прогласија Источна Гута за зона на деескалација.

Наместо да запре, седумгодишната војна во Сирија го менува правецот. Од Алепо и Идлиб, главниот фронт се префрли во Источна Гута каде што во последните 48 часа загинаа 250 луѓе во бомбардирањата на сириските владини сили. Населението коешто се соочува со големи човечки загуби, страда и од недостиг на основни производи за живот и здравствени услуги. Од вкупно шест медицински установи што беа гранатирани, три болници се целосно уништени.  Доставата од хуманитарните конвои е во застој.

Во Сирија не постои меѓународно спроведување на меѓународниот закон. Однадвор никој не разбира зошто никој не доаѓа да ги заштити од хемиски напади, бомби, опсада и гладување. Преминати се сите црвени линии и никој не презема одговорност“, изјави Наср Ал- Харири, претседател на сириската преговарачка комисија.

„САД се сериозно загрижени за ескалацијата на насилствата во предградијата на Дамаск. Воздушните напади биле насочени кон болници и кон она што останало од градската инфраструктура, што резултираше со огромен број жртви во краток период. Опсадата од режимот на Асад и изгладнувањето создаваат хуманитарна катастрофа. Ужасите од Алепо се повторуваат во Источна Гута“, изјави Хедер Науерт, портпарол на Стејт Департмент.

Во меѓувреме, провладините сили влегоа во курдската енклава Африн во северна Сирија каде што се судрија со турските трупи и сириските бунтовници. Офанзива се спроведува и во северозападната провинција Идлиб од каде што се раселени над 300 илјади луѓе.

 

Маја Филдишев