„Како да се ограби банка“ премиерно на сцената на Драмски театар

21.02.2018 14:34

Нa 23-ти февруари на сцената на Драмскиот театар премиерно ќе биде изведена претставата „Како да се ограби банка“. Од Драмски најавуваат комедија што ќе ја врати публиката во овој театар...

Парите го вртат светот. А што би правеле кога тие не би биле дел од нашиот живот и нашето секојдневие? Што би правеле кога ќе го допрете дното во општеството и кога единствената мисла со која ќе се будите наутро е „Како да го наполнам својот стомак?“. Одговорот е едноставен- ајде да ограбиме банка. Ова е тематиката на новата премиера на Драмски- „Како да се ограби банка“ во режија на Иван Манасковски.

Мисијата на фамилијата Кепече, да се ограби банка е многу слична на детската мисија, да се гради куќа на дрво. На прв поглед, изгледа многу едноставно, но по пат излегуваат многу непланирани проблеми. Не е лесно да се игра жанрот комедија- велат актерите.

Човекот секогаш се бори за својата егзистенција и го бара своето место под сонцето. Начинот на кој го прави тоа понекогаш е комичен, а на нас ни останува само да се опуштиме и да уживаме во возењето, вели режисерот Манасковски.

 

Александра Спировска