Црна Гора

Инцидент пред Амбасадата на САД во Подгорица, мотивот непознат

22.02.2018 13:11

Телото на човекот којшто активираше две бомби кај дипломатската мисија на САД во Подгорица е на обдукција. Првичните информации укажуваат на поранешен војник на Југословенската армија кој бил роден во Србија. Мотивот за нападот е непознат. На истиот датум пред една деценија беше извршен напад врз Американската амбасада во Белград...

Полицијата се сомнева дека поранешен припадник на Југословенската Народна армија ја фрлил бомбата во дворот на американската амбасада во Подогорица, по што се разнел со експлозија.

43-годишниот Далибор Јауковиќ живеел во главниот град на Црна Гора, а е роден во Краљево, Србија. Во 1999-та година бил одликуван за „Исклучително залагање во извршување на должноста и извршување на задачите во одбрана и безбедност на татковината“.

Според објавите на неговиот профил на „Фејсбук“, тој бил противник на влезот на Црна Гора во НАТО. Полицијата го утврдува мотивот за инцидентот, во кој нема повредени.

Инцидентот во Подгорица се совпаѓа и со 10- годишнината од нападот врз Американската амбасада во Белград, во кој беше запален дел од објектот поради поддршката на Вашингтон за независноста на Косово.

 

Маја Филдишев