Црна Гора

Идентификуван напаѓачот на Амбасадата на САД во Подгорица

22.02.2018 15:31

Србинот Далибор Јауковиќ ги фрлил двете бомби врз дипломатското претставништво на Соединетите Американски Држави во Подгорица. Мотивот за нападот на одликуваниот војник на Југословенската армија е непознат. Политичките партии и Брисел со осуда за инцидентот...

Полицијата потврди дека поранешен припадник на Југословенската народна армија ја фрлил бомбата во дворот на американската амбасада во Подогорица, по што се разнел со експлозија. 43-годишниот Далибор Јауковиќ живеел во главниот град на Црна Гора, а е роден во Краљево, Србија. 

Во 1999 година, тогашниот претседател на СР Југославија Слободан Милошевиќ го одликувал за исклучително залагање во извршувањето на должноста и на задачите во одбраната и безбедноста на татковината. Според објавите на Фејсбук, Јауковиќ бил противник на влезот на Црна Гора во НАТО.  

Полицијата го утврдува мотивот за инцидентот во кој нема повредени. Објектот на дипломатската мисија не е оштетен, но работата во одделот за издавање визи е привремено прекината.  Американските власти издадоа предупредување за своите граѓани да го избегнуваат реонот. Екипите на терен не најдоа други експлозивни направи.

Социјалдемократската партија и Бошњачката партија го осудија нападот, потенцирајќи дека нема да се влошат односите меѓу Вашингтон и Подгорица.

Министерството за внатрешни работи и владата на Црна Гора најстрого го осудуваат нападот врз амбасадата на САД и жалиме за инцидентот. Релевантните државни институции ги преземаат сите мерки за расветлување на случајот и обезбедување на целосна безбедност на сите претставници и вработени во дипломатската мисија“, изјави Мевлудин Нухоџиќ, министер за внатрешни работи на Црна Гора.

Осуда и од официјален Брисел.

Ги следиме случувањата. Дознавме дека е веќе почната истрага, така што ќе ги чекаме резултатите. Како што знаете, насилството не е нешто со кое ние ќе сочувствуваме“, изјави Маја Коцијанчич, портпарол во Европска комисија.

Инцидентот во Подгорица се совпаѓа и со 10-годишнината од нападот врз американската амбасада во Белград, во кој беше запален дел од објектот поради поддршката на Вашингтон за независноста на Косово.

 

Маја Филдишев