МЕПСО ќе гради 100 километри нови далекуводи

23.02.2018 12:25

Новите далноводи ќе се градат на постојните траси и ќе ги поврзуваат трансформаторските станици Битола 1- Прилеп, Скопје 4- Велес, Штип- Овче Поле и Велес- Овче Поле. Планирано е изградбата на овие далекуводи да заврши во целост до крај на 2020-та година.

Државната енергетска компанија МЕПСО распиша тендер за изградба на четири нови 110-киловолтни далноводи во должина од над 100 километри со проценета вредност од 14 милиони евра.

Новите далноводи ќе се градат на постојните траси и ќе ги поврзуваат трансформаторските станици Битола 1- Прилеп, Скопје 4- Велес, Штип- Овче Поле и Велес- Овче Поле. Планирано е изградбата на овие далекуводи да заврши во целост до крај на 2020-та година.

„Започнавме инвестициски циклус вреден над 50 милиони евра за ревитализацијата и развој на преносната мрежа со кој  ќе дадеме силен импулс и за македонската економија затоа што директно или индиректно ќе бидат ангажирани домашни фирми и стручни профили“, изјави Сашо Василевски, генерален директор на МЕПСО.

Покрај тендерот за четири нови далекуводи, во рамки на овој инвестициски циклус на почетокот на овој месец МЕПСО распиша уште два меѓународни тендера. Едниот е за ревитализација на четири трафостаници: „Битола 2“, „Валандово“, „Осломеј“ и „Скопје 4“ со проценета вредност од околу осум милиони евра.

Другиот е за избор на изведувач за  набавка и инсталација на нови системи за релејна заштита за потребите во трансформаторските станици  на хидроцентралите „Глобочица“, „Шпиље“, „Вруток“ и „Тиквеш“.