Војната во Сирија не запира, го менува фронтот

23.02.2018 15:51

Светските лидери бараат прекин на огнот во Сирија. Во Советот за безбедност на Обединетите нации доставена предлог- резолуција за едномесечно примирје. Хуманитарната катастрофа во Источна Гута е уште едно поглавје од трагедијата...

На вонредната седница за Сирија во Советот за безбедност во Њујорк, беше заклучено дека земјата се соочува со хуманитарна катастрофа, која била предвидлива и можела да се спречи. Шведска и Кувајт доставија предлог-резолуција која предвидува 30-дневен прекин на огнот, како и пристап до источна Гута на хуманитарните работници. Во регионот има стотициа жртви и повредени, а останатите немаат основни услови за живот. Во местото Хараста, 80 проценти од луѓето живеат под земја. Светските лидери побараа итен прекин на огнот.

„Ги повикуваме сите членови на Советот да се сплотат и да ја поддржат оваа резолуција за да ги спречиме директните напади во Источна Гута и наоколу. Мора да ја промениме оваа неопислива состојба на очај“, изјави Олоф Скуг, постојан претставник на Шведска во ООН.  

„Прашањето е колку долго ќе молчиме. Уште колку цивили, жени, деца, возрасни луѓе ќе умираат и ќе бидат раселени додека меѓународната заедница не преземе акција и почне да зборува во еден глас“, рече Шеик Сабах Калид Ал Хамад Ал Сабах, вицепремиер на Кувајт.

„Режимот сака да продолжи да фрла бомби и гасови врз 400 илјади луѓе. Режимот на Асад смета на Русија за да се осигури дека Советот нема да успее да го запре нивното страдање“, изјави Кели Кари, претставник од САД во ООН.

Постојаниот претставник на Русија во Обединети нации Василиј Небензја ги обвини медиумите за масовна кампања со дезинформации и занемарување на фактот дека во регионот постојат илјадници борци од терористичките организации кои намерно се кријат во образовни и медицински институции.

Воени жаришта и во други делови од Сирија. Генералштабот на турските вооружени сили соопшти дека во Африн е погоден конвој од 30 до 40 возила на курдски борци. Турската армија на 20 јануари ја почна воздушна и копнена офанзива „Маслиново гранче“ во сириската област која е под контрола на Курдите. 

 

Маја Филдишев