Белград

Европска премиера на петтиот филм на Манчевски- „Бикини Мун“

26.02.2018 11:04

Синоќа се одржа европска премиера на „Бикини Мун“- петтиот филм на нашиот режисер со светско реноме Милчо Манчевски...

Филмот „Бикини Мун“, кој е во американска продукција и во режија и сценарио на Милчо Манчевски, преставува драма, еден психолошки пресек за девојката по име Бикини Мун Дејвис, американка кој служела во Ирак и која сега живее во Њујорк и се справува со општеството, со ментални проблеми и со природа на вистината.

„Филмот е една покана, да се влезе во светот на Бикини Мун, да се погледне денешното општество низ нејзините очи, да се погледне Њујорк низ нејзините очи, да се погледне светот во кој медиумите нѐ контролираат, и додека го истражуваме сето тоа, се прашуваме што е вистина, а што не е“, вели Манчевски.

Во „Бикини Мун“ главните улоги ги имаат искусните глумци Кондола Рашад и Сара Голдберг, фотографијата е на Џошуа Вајнштајн и по подолго време снимен е во Њујорк.

Според Милчо Манчевски, предизвик за темата на филмот е неговиот интерес за местото каде се судираат вистината и лагата, документарното и играното и како би изгледало кога би имале еден лажен документарец.

Филмот на Милчо Манчевски премиерно ќе биде прикажан на реномираниот филмски фестивал ФЕСТ, каде тој е и претседател на жири комисијата.

„Чест ни е што на ФЕСТ е премиерата на филмот на Манчевски. Интересно е што и режисерката Катерина Вражалиќ сними документарен филм, портрет посветен на овој голем режисер“, изјави Југослав Пантелиќ, директор на ФЕСТ.

По светската премиера во Сао Паоло и европската премиера во Белград, филмот „Бикини Мун“ ќе биде прикажан и во Порто. Американската премиера е во Сан Хозе, потоа во Софија, Истанбул и на други меѓународни фестивали, а на 22-ри март во Кино Миленуим, ќе ја има македонската премиера, во дистрибуција на „Манаки филм“.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ