Вашингтон- Пјонгјанг: Подготвеност за дијалог

26.02.2018 13:01

Белата куќа ја поздрави подготвеноста на Пјонгјанг за дијалог. Јужна Кореја им советува на САД да ги намалат очекувањата од разговорите со Северна Кореја. Деактивирањето на спорната нуклеарна програма останува приоритетен услов за натамошен развој на добрите односи...

Официјален Вашингтон ја поздрави подготвеноста на Северна Кореја за дијалог со САД. По затворањето на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, претставници на Северна Кореја на средба со јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин покажале волја за дијалог со Вашингтон. Властите во Белата куќа со оптимизам, но и со резервираност за атмосферата на владата на Ким Јонг-ун. Денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров останува приоритет.

САД и светот треба да продолжат јасно да порачуваат дека нуклеарната и ракетната програма на Северна Кореја немаат перспектива. Остануваме на ставот оти секој дијалог со Пјонгјанг треба да резултира со договор за денуклеаризација на Корејскиот Полусотров“, изјави портпаролот на Белата куќа, Сара Сандерс.

Ким Јонг-чол, високиот претставник на владејачката Работничка партија на Северна Кореја потенцирал дека е потребно што поскоро да почне дијалог со Западот, што ќе биде предуслов и за подобрување на односите на Полуостровот, но и за решавање на корејското прашање.

Министерството за надворешни работи во Пјонгјанг изрази задоволство од соработката на двете Кореи за време на Олимпијадата, но ги обвини САД за најавените санкции со кои повторно се загрозуваат мирот и стабилноста на регионот.

Корејскиот Полуостров е поделен од војната во 50-тите години на минатиот век. Двете страни никогаш не потпишаа мировен договор. 

 

Маја Филдишев