Убиен истражувачки новинар во Словачка, ЕУ побара темелна истрага

27.02.2018 12:50

Убиен е истражувачки новинар во Словачка кој пишувал за даночни измами. Европската унија го осуди нападот и побара темелна истрага. Случајот за новинарката Дафне Галиција која загина во експлозија на Малта е сѐ уште отворен...

Словачки истражувачки новинар беше смртно застрелан во семејниот дом. Полицијата ги нашла безживотните тела на 27-годишниот Јан Кучијак и неговата свршеница во Велка Маца, источно од Братислава. Истражувал и пишувал за затајување данок. Последниот текст му го посветил на бизнисмен кој е осомничен дека извршил даночна измама со луксузен апартман во Братислава. За властите, ова е сериозен напад врз слободата на медиумите и демократијата во Словачка.

Ова е првпат во Словачка да биде убиен новинар. Убиството веројатно е поврзано со неговите истражувачки активности. На случајот ќе работат сите расположиви сили“, изјави Тибор Гаспар, шеф на словачката полиција.

Минатата година Кучијак поднел пријава до полицијата откако добило закана од еден бизнисмен поради објавен текст, но полицијата не дејствувала.

На инцидентот реагираше и синот на убиената малтешка новинарка Дафне Каруана Галиција кој повтори дека ја предупредил Европската Комисија дека ќе следат натамошни убиства доколку не се преземе решителна акција. „Јан Кучијак можеше да биде спасен“, напиша Ендрју Галиција на својот Твитер- профил.

Галиција беше убиена со автомобил- бомба во октомври минатата година. Полицијата обвини три лица дека го извршиле убиството, но нарачателот останува непознат.

Според Меѓународната федерација на новинари, 81 репортер загинал лани. Од почетокот на годинава се извршени убиства на медиумски работници во Бразил, Гватемала, Ирак и Мексико.

 

Маја Филдишев