Словачките власти го бараат убиецот на новинарот

27.02.2018 14:55

Словачките власти нудат парична награда за информација која ќе помогне во истрагата за убиството на истражувачкиот новинар во Словачка, кој пишувал за даночни измами. Европската унија го осуди нападот и побара темелна истрага. Случајот за новинарката Дафне Галиција која загина во експлозија на Малта е сѐ уште отворен...

Словачки истражувачки новинар беше смртно застрелан во семејниот дом. Полицијата ги нашла безживотните тела на 27-годишниот Јан Кучијак и неговата свршеница во Велка Маца, источно од Братислава. Истражувал и пишувал за затајување данок. Последниот текст му го посветил на бизнисмен кој е осомничен дека извршил даночна измама со луксузен апартман во Братислава. Минатата година Кучијак поднел пријава до полицијата откако добил закана од еден бизнисмен поради објавен текст, но полицијата не дејствувала.

Ова е првпат во Словачка да биде убиен новинар. Убиството веројатно е поврзано со неговите истражувачки активности. На случајот ќе работат сите расположиви сили“, изјави Тибор Гаспар, шеф на словачката полиција.

За властите, ова е сериозен напад врз слободата на медиумите и демократијата во Словачка.

Ова е напад врз демократијата, слободата за изразување и медиумите. Владата дава награда од еден милион евра за тој што ќе ни даде информација којашто ќе доведе до апсење на извршителот“, изјави Роберт Фицо, премиер на Словачка.

Убиството се случило пред неколку дена, а не вчера, така што е отежната ситуацијата. Нашите екипи собираат докази. Соработуваме со сите во порталот каде што работеше Кучијак“, изјави Роберт Калинак, министер за внатрешни работи на Словачка.

Дискутиравме за неколку можни сценарија. Доколку се докаже дека мотив за убиството била работата на новинарот, ќе направам пекол. Ќе преземам сѐ што треба. Не можеме да се претставуваме како демократска земја ако се случува ова“, вели Јаромир Чижнар, јавен обвинител на Словачка.

По инцидентот реагираше и синот на убиената малтешка новинарка Дафне Каруана Галиција кој повтори дека ја предупредил Европската Комисија оти ќе има и други убиства доколку нема решителна акција. „Јан Кучијак можеше да биде спасен“, напиша Ендрју Галиција на својот Твитер-профил. Галиција беше убиена со автомобил - бомба во октомври минатата година. Полицијата обвини три лица, но нарачателот останува непознат.

Според Меѓународната федерација на новинари, лани загинал 81 репортер. Годинава се извршени убиства на медиумски работници во Бразил, Гватемала, Ирак и во Мексико.

 

Маја Филдишев