Сообраќајот отежнат, најмногу снег во Маврово

28.02.2018 09:07

Во сила се и забрани за сообраќај на тешки товарни возила на патните правци крак Маврово– Дебар, Кичево– Охрид преку планинскиот превој Пресека, Гостивар– Кичево преку превојот Стража и Струга– граничен премин Ќафасан. Од 7:30 часот изутрина се укинати забраните преку превоите Буково и Ѓавато...

Снежните врнежи и натаму го отежнуваат сообраќајот кој се одвива со забрани за товарни возила на дел од патиштата, по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег. Обилните врнежи од снег го отежнаа сообраќајот на  патот Крушево- Прилеп и Крушево- Демир Хисар, каде е задолжителна зимска опрема за патнички моторни возила, а не се пропуштаат товарни возила, информира АМСМ.

Во сила се и забрани за сообраќај на тешки товарни возила на патните правци крак Маврово– Дебар, Кичево– Охрид преку планинскиот превој Пресека, Гостивар– Кичево преку превојот Стража и Струга– граничен премин Ќафасан. Од 7:30 часот изутрина се укинати забраните преку превоите Буково и Ѓавато. Се препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а врнежи од снег со слаб интензитет има во Маврово, Смојмирово и на планинските превои Стража и Ѓавато.

Најстудено во Македонија изутринава е во Ѓуриште, каде се измерени - 11 степени,  по што со - 8  следат Пожаране и Маврово, каде има 96 сантиметри снег. Минус седум степени се измерени во Скопје, Петровец, Берово, Лазарополе, Крушево и Тетово, - 6 во Крива Паланка и Штип, - 5 во Виница, Дебар и Скопје,  - 3 во Демир Капија, Тополчани и Претор, - 2 во Охрид, - 1 во Прилеп и Битола, до нула  во Гевгелија, Струмица и Дојран.

Висината на снежната покривка во Лазарополе изнесува 85 сантиметри, 65 во Крушево, 60 во Пожаране, 36 во Ѓуриште, 35 во Тетово, 30 во Дебар, 25 во Скопје, Петровец.