Завршува вакцинацијата во свињарските фарми

28.02.2018 10:43

До крајот на годинава завршува вакцинирањето на свињите од болеста свинска чума. Со ставањето под контрола на оваа добиточна болест, фармерите ќе може да извезуваат свежо месо и животни. Македонија со сопственото производство ги задоволува потребите на свежо месо, но со отворањето на границите ќе се отвори пласманот и на нови пазари.

До први јануари 2019-та, Македонија ќе престане со вакцинација на добитокот од болеста свинска чума. Ова беше и пречка што досега свежото свинско месо и животни не смееја да ја поминат границата.

Доколку се потврди дека оваа болест ја нема во фармите, според Агенцијата за храна и ветеринарство, од 2020-та година ќе се бара дозвола за извоз на европскиот пазар.

Планот е да се зајакнат меркита за контрола на евентуалното присуство на вирусот во фармите, кланиците и кај дивите свињи, како и подобрување на системот за идентификација и обележување на добитокот во земјава.

Со контролите на 12 најголеми фарми, утврдено е дека во Македонија целосно се применуваат сигурносните мерки, кои се дури построги и од европските.

 

Методија Трајков