Џафери очекува решение за 35-те илјади амандмани на Законот за употреба на јазиците

28.02.2018 12:27

Целта е како што наведе на брифингот со новинарите, да се избегне блокада на Собранието. Комуницирам со претставници на пратеничките групи, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ и мислам дека сме блиску до решение, рече Џафери.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери очекува во наредните денови да се најде решение за над 35-те илјади амандмани на Законот за употреба на јазиците, поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Целта е како што наведе на брифингот со новинарите, да се избегне блокада на Собранието. Комуницирам со претставници на пратеничките групи, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ и мислам дека сме блиску до решение, рече Џафери.

Дециден е дека нема да дозволи блокада на Законодавниот дом. Спикерот смета дека наскоро опозицијата би можела да се вклучи повторно во работата на Собранието.

Работните групи разговараат и за измени на Деловникот. Имунитетот на пратеник да може да се одземе само со двотретинско мнозинство, а ако во одреден случај го изгубил, да може повторно да му се врати, ова е едно од клучните барања на опозицијата.

Првата средба со претставници на парламентарните партии се очекува да се одржи на 15-ти март, но доколку не присуствуваат еврокомесарот Јоханес Хан и експерти, разговорите би можеле да бидат одложени за мај.