Судењето за случајот „Тортура“ одложено за 23-ти март

28.02.2018 12:33

Во Кривичниот суд во Скопје денеска требаше да се одржи првото рочиште за предметот на СЈО „Тортура“, што се однесува на начинот на лишување од слобода на лидерот на „Обединети за Македонија“ и екс- министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, на 6-ти јуни 2011-та година, ден по предвремените парламентарни избори. Но, рочиштето е одложено за 23-ти март до кога се очекува Апелацискиот суд да донесе одлука дали ќе го прифати обвинителниот акт за Сашо Мијалков...

Скопскиот Апелациски суд сѐ уште не одлучил дали екс- директорот на УБК, Сашо Мијалков ќе седне на обвинителна клупа и ќе му се суди, заедно со уште шестмина негови поранешни колеги за тортура врз Љубе Бошкоски. Тоа што нема правосилно обвинение против Мијалков, беше причината да се одложи рочиштето.

Судијката која работеше на оценка на обвинителниот акт во претходната фаза од постапката, одлучи да го изземе од кривичен прогон, по што Специјалното обвинителство поднесе жалба до повисокиот суд.

Наредното судско рочиште е закажано за 23-ти март. Дотогаш се очекува Апелацискиот суд да донесе одлука дали ќе го прифати обвинителниот акт за Сашо Мијалков.

Шестмината припадници на единицата „Алфа“ се товарат за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување при апсењето на Бошкоски, во јуни 2011-та година. Лидерот на Обединети за Македонија, рече дека ова судење треба да служи како пример, како во иднина не треба да се применува законот.

Бошкоски вели дека очекува судот да одлучи според доказите, а правдата да ги стигне сите што го прекршиле законот.

 

Анита Димитријевска