ООН

Северна Кореја доставувала пратки во Сирија за производство на хемиско оружје

28.02.2018 12:42

Обединетите нации тврдат дека Северна Кореја доставувала пратки во Сирија за производство на хемиско оружје. Околу 40 пакети кои не биле пријавени претходно биле испратени меѓу 2012-та и 2017-та година. Владите во Дамаск и во Пјонгјанг негуваат повеќедецениски воени врски. Најновите тврдења следуваат по последните извештаи за хемиски напад со хлор кој наводно го користеле сириските сили.

Според извештај на Обединетите нации, Северна Кореја доставувала пратки со материјали за производство на хемиско оружје во Сирија. Меѓу материјалите се пронајдени и плочки отпорни на висока температура и на киселина кои се користат за изградба на простории каде што се произведува хемиско оружје, како и вентили отпорни на корозија, цевки и термометри.

Центарот за научни студии и истражување, кој е тело на владата на Сирија, е осомничен дека вршел исплата на Пјонгјанг преку повеќе посреднички компании. Во Извештајот, кој сѐ уште не е објавен, е наведено дека експерти за проектили биле забележани во сириски центри за изработка на оружје.

Сирија ја потпиша Конвенцијата за хемиско оружје и се согласи да го уништи сето оружје од овој тип во 2013-та година по нападот со нервен агенс кој усмрти стотици луѓе во предградијата на Дамаск. Оттогаш, земјата постојано се соочува со обвиненија за употреба на забрането хемиско оружје во граѓанската војна.

Вчерашниот , петчасовен прекин на огнот во Источна Гута беше неуспешен. Стопирањето на воените дејствија беше спроведено по наредба од Русија, со цел да се испорача хуманитарна помош и да се евакуираат цивилите и повредените. Двете страни се обвинија за непочитување на мерката. Регистрирани биле престрелки кај хуманитарни коридори, и напади на амбулантни возила

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров потврди дека ќе ја поддржува Сирија во борбата против терористите.

Народот во Сирија се соочува со хуманитарна катастрофа. Американската коалиција да осигури подеднаков пристап за хуманитарната помош во сите области во Сирија. Русија заедно со сириската влада најави воспоставување хуманитарен коридор во Источна Гута. Сега е ред милитантите и нивните спонзори да дејствуваат“, изјави Серегј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Од Стејт департментот возвратија дека е иронично што Русија бара хуманитарна зона во Сирија кога треба да биде покриена целата територија на земјата.

Слично беше и во Алепо лани. Ужасно е. Сакам да потенцирам дека Русија го поддржа прекинот на огнот. Но не се придржува до него. Причина за тоа е што продолжува да ја спонзорира и потпомага владата на Ал Асад. Поради тоа, гледаме цивилни жртви“, вели Хедер Науерт, портпарол на Стејт Департмент.

Изутринава е направен втор обид за спроведување на договорот за прекин на огнот во Источна Гута.

 

Маја Филдишев