Џафери: Блиску сме до решение со ВМРО- ДПМНЕ

28.02.2018 13:15

Претседателот на Собранието Талат Џафери очекува во наредните денови да се најде решение за над 35-те илјади амандмани на Законот за употреба на јазиците, поднесени од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Целта е како што наведе на брифингот со новинарите, да се избегне блокада на Собранието. Комуницирам со претставници на пратеничките групи, вклучувајќи ја и ВМРО-ДПМНЕ и мислам дека сме блиску до решение, рече Џафери...

Претседателот на Собранието Џафери е оптимист дека е можно политичко решение за одблокирање на Собранието. Очекува наскоро решение за Законот за употреба на јазиците и поднесените над 35.000 амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Тврди дека постојано разговара со пратениците од опозициската партија, но е дециден дека ако има амандманска расправа ќе се блокира Законодавниот дом. На брифингот со новинарите појасни дека работи и на тоа опозицијата што побргу да се врати во Собранието.

Работните групи на парламентарните партии работат на усогласување на измените на Деловникот. Џафери вели- Собранието не може да врши целосен надзор над институциите кога е зависно од буџетот на Владата. Констатираше дека покрај финансиската, потребна му е и безбедносна независност, односно Собраниското обезбедување да не е под капата на МВР со што би се избегнале како што рече, во наводници, наредби од горе.

Едно од барањата на опозицијата е имунет на пратеник да се одзема со двотретинско мнозинство, и ако тоа се случи да постои можност и за негово враќање.

Собранискиот спикер посочи дека средбата во рамките на процесот „Жан Моне“ што најверојатно ќе се одржи на 15-ти март во во Охрид ќе учествува и ВМРО-ДПМНЕ. Состанокот ќе се одржи само ако може да пристигнат еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и есперти од УНИЈАТа. Во спротивно состанокот ќе се одложи за мај.

 

Миле Ристески