Разговори за името

Бошњаковски: Не преговараме за идентитетот

28.02.2018 14:17

Македонија и Грција се приближуваат кон решение на долгогодишниот спор за името- оценува премиерот Зоран Заев во интервју за „Фајненшл тајмс“. Заев е оптимист и се надева дека ова прашање би можело да биде затворено пред Самитот на НАТО во Брисел, во јули годинава, од каде што Македонија очекува покана за членство. Владата не разговара за идентитетот и тоа не е предмет на преговори- изјави портпаролот Бошњаковски...

Нашата Влада не разговара за идентитетот, тоа не е предмет на преговорите, тврди потпаролот Миле Бошњаковски. Вели, за тоа разговараат само оние кои размислуваат опозициски. Бошњаковски, повтори дека процесот оди исклучиво преку медијаторот Метју Нимиц и организацијата на ОН.

Сѐ за што разговараат министрите Димитров и Коѕијас, сѐ што е во насока да ги приближи ставовите, да се договориме, се оди преку филтерот на медијаторот и сѐ ќе биде ставено на маса исклучиво преку него, рече Бошњаковски.

„Оптимизмот е сѐ уште на високо ниво. Преговорите течат. Ние не преговараме преку медиуми, не испраќаме пораки преку медиуми, туку даваме насоки во однос на тоа дека дефинитивно ставовите се приближани, на маса постои документ, врз основа на кој што се преговара. Решението е јасно какво може да биде. Не исклучуваме ништо додека течат преговорите, и секој момент кога имаме информација од интерес за граѓаните, јавно ја соопштуваме“, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Премиерот Заев во интервју за „Фајненшл тајмс“ изјави дека Македонија и Грција се приближуваат кон решение за спорот за името.

„Јас сум оптимист. Свесни сме дека многу е тешко, но би било паметно за двете страни да најдат решение што е можно побрзо. Новото барање од грција е да го смениме уставот, но тоа е домашна книга на правила и нема влијание надвор од државата. Промената на Уставот не е конечна гаранција бидејќи нова влада може пак да го смени Уставот“- изјавил Заев.

Според „Фајненшл тајмс“ премиерите на Македонија и на Грција, Заев и Ципрас разгледуваат пет предлози за името од медијаторот метју Нимиц: Северна, Горна, Вардарска, Нова Македонија и Република Македонија (Скопје).

Премиерот Заев во интервјуто изјавил дека Нова Македонија не е прифатливо решение бидејќи не опфаќа географска одредница, но дека е отворен за преговори за останатите четири имиња.

 

Фиљана Кока