Откриени 143 килограми марихуана во две акции

28.02.2018 16:07

Во две одвоени акции полицијата запленила 143 килограми марихуана. Во првата бил пресечен меѓународен шверцерски канал и биле запленети 55 килограми дрога, додека во втората, на Деве Баир, биле откриени 88 килограми марихуана...

Полицајците запленија 143 килограми марихуана во два одвоени случаи. Приведени осуммина, шест македонски и двајца албански државјани. Пресечен меѓународен канал за шверц.

Во првиот случај, албански државјанин илегално пренел 55 килограми марихуана во Македонија. Дрогата им ја предал на двајца кои биле задолжени да ја достават до четворица жители на Студеничани кои требало да ја пренесат во Солун. Полицијата ги фатила кај Маврови Анови.

Во вториот случај, албански државјанин се обидел во товарно возило да пренесе 88 килограми марихуана. Ја засолнил во најлонски фолии во приколката. Фатен е при контрола на Деве Баир.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Велковски на прес-конференцијата информираше и дека полицијата идентификувала лице кое учествувало во палењето на знамињата на Грција и на Албанија за време на протестот пред канцеларијата на ЕУ и Законодавниот дом. Се обезбедуваат докази за поднесување пријава.

Во однос на убиството на Јанушев, од Бирото за јавна безбедност рекоа дека од пред два дена имаат нови сознанија.

 

Наташа Гркова- Петрушевска