Заев- Марковиќ: Се засилува соработката на регионот

01.03.2018 12:41

Двајцата премиери размениле мислења за важни политички прашања во делот на напредокот кон ЕУ, како и НАТО интеграциите на Република Македонија. Се согласиле за имплементирање на европските препораки за политичкиот и економскиот развој на регионот.

Регионалната соработка се одвива ефективно, во интерес на потребите на граѓаните и на евро-атлантските интереси- оцениле на денешната средба во Софија, македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот црногорски колега Душко Марковиќ.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев и Марковиќ констатирале дека соработката меѓу бизнис коморите на двете земји е добра и се очекува унапредување на бизнис соработката меѓу двете држави.

Во таа насока било истакнато дека од голема важност обезбедувањето авио линија Скопје- Подгорица- Сараево, за која биле споделени најновите информации за реализација на оваа иницијатива.

На средбата во Софија се разговарало и за реализација на проекти од областа на здравството, во интерес на граѓаните на двете земји.

Двајцата премиери размениле мислења за важни политички прашања во делот на напредокот кон ЕУ, како и НАТО интеграциите на Република Македонија. Се согласиле за имплементирање на европските препораки за политичкиот и економскиот развој на регионот.

Во Софија денеска се одржува работен ручек што премиерот на Република Бугарија, земјата претседавач со ЕУ, Бојко Борисов го приредува за претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер и за лидерите од Западен Балкан. На состанокот ќе присуствуваат и еврокомесарот Јоханес Хан и претставничката за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.