Словачка

Приведени осомничени за убиството на Куциак, независна комисија ќе го истражува случајот

01.03.2018 13:22

Европскиот парламент ќе испрати независна комисија во Словачка за случајот на убиениот новинар Куциак. Претседателот на Европскиот парламент, Тајани изјави дека сторители на убиството се тројца италијански државјани кои живееле во Словачка. Оставки од некокумина високи функционери на словачката Влада, еден од нив е споменат во текстот на Куциак.

Во Словачка се уапсени осомничени за убиството на новинарот Јан Куциак. При претрес во домовите на неколкумина поврзани со трговија со дрога се одземени дрога и оружје. Лицата живеле во близина на местото каде што 27-годишниот репортер беше застрелан со својата девојка.

Куциак пишувал за активностите на италијанската мафија Ндрангета и властите во Словачка. По оставката на министерот за култура Марек Мадарич, од функција се повлекоа и главната државна советничка во владиниот Кабинет, Марија Трошкова, поранешна манекенка, и секретарот на словачкиот Совет за безбедност, Вилијам Јасањ.

Организацијата за истражувачко новинарство ја објави недовршената приказна на Куциак којашто е фокусирана на Трошкова, која наводно основала фирма со Италијанец, кој живее во Словачка, за која постои сомневање дека е поврзана со една од најмоќните криминални организации во светот.

Објавени ќе бидат детали и од друга истрага за врски на сопственици на земјоделски површини со италијанската мафија, кои, наводно ја користеле земјата за да дојдат до субвенции од ЕУ фондовите.

„Речиси сум целосно убеден дека убиството е поврзано со неговиот текст за поврзаноста меѓу мафијата и политичарите. Јан Куциак беше млад, но професионалноста и психологијата му беа на ниво на 45-годишен новинар. Научи многу во порталот“, изјави Марек Вагович, аналитичар во „Актуалити.ск“.

Владата понуди милион евра за информација којашто ќе доведе до расветлување на двојното убиство.

„Имаме две опции. Да се обединат власта, опозицијата и медиумите и заеднички да го истражуваме убиството, или да продолжиме да гледаме злоупотреба од политичарите на двојното убиство. Паричната наградата останува. Ќе ја провериме и секоја анонимна информација“, изјави словачкиот премиер, Роберт Фицо.

Опозицијата тврди дека власта се обидува да ја манипулира јавноста.

„Наградата од милион евра е марктеиншки трик. Владата на Фицо се обидува да го дистанцира убиството што е можно подалеку од себе. Немаме намера да освојуваме политички цели од трагедијава“, изјави Љубомир Галко, опозициски политичар.

Куциак е вториот убиен репортер во земја од Европската Унија во последниве пет месеци. Во октомври, беше ликвидирана малтешката новинарка Дафне Галиција.

 

Маја Филдишев