Евроинтеграции

Јункер: Местото на Западен Балкан е во ЕУ, потребно е исполнување на критериумите

01.03.2018 15:03

Во Софија, работен состанок што го организираа претседателот на Европската комисија Јункер и бугарскиот премиер Борисов со шефовите на држави и влади од Западен Балкан. Разгледани можностите за забрзување на процесот на интеграција на регионот во Унијата и подобрување на меѓусебната поврзаност.

Местото на Западниот Балкан е во ЕУ, но сега ниту една од државите не ги исполнува сите критериуми за прием, изјави претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер по завршувањето на неговата балканска турнеја и средбата со лидерите на 6-те земји од регионот во Софија, на кој присуствуваа и комесарите Хан и Могерини.

Приемот не е сон, туку реалност, но мора да се вложи во критериумите за прием, а не во датумите. Кога го презедов претседателството до 2019-та кажав дека нема да има проширување што ќе предизвика разочарување, но да појаснам дека можен е прием на нови членки во 2025-та. Потребно е исполнување на сите критеруими. Сега ниту една држава не ги исполнува сите критериуми, но направен е напредок во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Сите од Западен Балкан  мора да стават крај на сите билатерални и територијални конфликти пред да се вклучат во ЕУ“, изјави претседателот на ЕК, Јункер.

На Самитот за Западен Балкан во мај во Софија ќе зборуваме за проширувањето, но главна цел ќе бидат миграцијата, економската интеграција на регионот и подобрување на слабата поврзаност меѓу земји од регионот, најави Јункер.

Бугарскиот премиер во улога на претседавач со Унијата истакна дека на Самитот во Софија ќе се разговара конкретно за финансирање на инфраструктурни проекти за поврзување на земјите од регионот.

„Си поставивме амбициозен план за проекти за поврзување со автопати што треба да бидат готови за финансирање до Самитот за Западен Балкан во мај во Софија, за да можеме на нашите народи да им соопштиме кога овие автопати ќе бидат оперативни. Се договоривме да има брз премин на граничните премини и исти тарифи за патарина“, рече бугарскиот премиер, Бојко Борисов.

Средбата на Јункер со лидерите од Западен Балкан во Софија беше искористена и за билатерални средби на премиерите. Премиерот Заев на средбата со црногорскиот колега Душко Марковиќ во Софија се согласиле за имплетирање на европските препораки за политички и економски развој на регионот. Заев истакнал дека по покренатите реформи и отворените перспективи за членство во НАТО и ЕУ, е зголемен интересот за инвестирање во Македонија.

 

Ирина Гелевска