Мицкоски тврди- нема договор со власта за Законот за јазици

01.03.2018 15:54

Шпекулација е дека сме се договориле со владејачките партии, ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието и да се изгласа Законот за јазиците, а за возврат на тоа да бидат ослободени притворените за собраниските настани од 27-ми април, тврди лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Партијата останува на ставот дека Законот за јазиците треба да се повлече. Кирацовски од Битола ја повика опозицијата да влезе во Собранието...

Шпекулации се дека ВМРО-ДПМНЕ се договорила да се врати во Собранието и пратениците да гласаат за Законот за јазиците, а за возврат да бидат ослободени од притвор обвинетите за собраниските настани од 27-ми април, појаснува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Дециден е дека Законот за јазиците треба да се повлече и за него да се дебатира на работни групи, демантирајќи го собранискиот спикер Џафери дека се блиску до изнаоѓање решение.

Политичката атмосфера треба да се релаксира, но најодговорна за демократскиот амбиент е Владата. Таа е на потег, ВМРО-ДПМНЕ е тука, рече Мицкоски.

Ние покажавме волја, но и другата страна треба да го стори тоа, изјави генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски . Уште еднаш упати апел опозицијата да се врати во собраниските клупи.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери на брифинг со новинарите искажа оптимизам дека е можно политичко решение за одблокирање на Собранието. Неговите очекувања дека ќе има решение за Законот за јазиците и повлекување на 35.000 амандмани, веднаш ги демантираше ВМРО-ДПМНЕ. Инсистираат на разгледување на сите поднесени амандмани.

Миле Ристески