Обвинителството отвори истрага за трошењето во Антикорупциска

01.03.2018 16:01

Основното Јавно обвинителство оформи предмет по допрен глас за парите што ги трошеле членови на Државната комисија за спречување на корупцијата. Парламентарното мнозинство побара од нив да си поднесат оставка...

Jавнотo обвинителство по допрен глас оформи предмет за трошењето буџетски средства од членовите на Антикорупциската комисија. Потегот доаѓа откако во јавноста беа објавени детали од ревизорски извештај. Според документот, антикорупционерите си наплатувале патни трошоци врз основа на фиктивни налози.

„Обвинителството презема дејствија за утврдување на фактите во предметот, за прибирање на податоци и на потребната документација од Управата за јавни приходи и другите релевантни институции“- стои во дописот од Обвинителството.

Се огласи и владејачкото мнозинство. Од СДСМ побараа членовите на Комисијата за спречување корупција да си поднесат оставки. Во спротивно ќе бидат разрешени.

Во ревизорскиот извештај било констатирано дека на членови од Комисијата им биле исплаќани патни трошоци за доаѓање на седници, но патните налози не биле веродостојни. Исто така, некои од нив воопшто не доаѓале на работа, туку само на седници, а биле поднесувани патни налози за ист ден.

Наташа Гркова- Петрушевска