Пентагон: Не сме изненадени од говорот на Путин

02.03.2018 12:57

Официјален Вашингтон ја критикува Русија за непочитување на обврските од Договорот за нуклеарно оружје. Белата куќа уште еднаш потенцира дека американските системи за ракетна одбрана не се распоредени во Европа поради Москва, туку за одбрана од Иран и Северна Кореја. Во годишното обраќање до нацијата, претседателот на Русија, Путин претстави низа нови нуклеарни оружја, со досега невидени перформанси...

Пентагон не е изненаден од изјавите на рускиот претседател Путин за новото нуклеарно оружје коешто го претстави на годишното обраќање пред двата Дома на Парламентот. Американското Министерство за одбрана тврди дека се подготвени во секој момент за сѐ што ќе им го попречи патот.

Американскиот народ може да е сигурен дека сме целосно подготвени. Нашата ракетна одбрана е сигурна, и уверени сме дека сме подготвени да ја браниме нацијата во секоја ситуација. Ја следиме Русија подолго време“, изјави Дејна Вајт, портпарол на Пентагон.

Од Стејт департментот ја обвинија официјална Москва за непочитување на обврските од договорот за нуклеарно оружје со среден дострел.

Русија не се однесува како одговорен играч на меѓународната сцена. Нема да реагираме на секој збор или идеја од светските лидери. За жал, го гледав видеото во кое беше прикажан нуклеарен напад врз САД. Не уживав додека го гледавме тоа“, изјави Хедер Науерт, портпарол на Стејт Департмент.

Путин потенцираше дека е успешно тестирана нова крстаречка ракета со нуклеарна боева глава која има неограничен радиус на дејство и непредвидлива траекторија на движење.

Никој во светот нема вакво нешто. Ракетата, чијашто брзина ја надминува за десет пати брзината на звукот, може да стигне до цел оддалечена 2.000 километри со обични нуклеарни боеви глави. Развиени се и беспилотни подводни пловила кои се движат на големи длабочини, имаат интерконтинентален домет, и многу поголема брзина од современите подморници и торпеда“, рече рускиот претседател, Владимир Путин.

Политичарите застанаа во одбрана на говорот на претседателот Путин.

Ние не се повлековме од договорите, не ги прекршивме спогодбите, но успеавме да одговориме соодветно на новите противракетни системи кои се распоредени. Силите на НАТО и се доближуваат на Русија“, изјави Валентина Матвијенко, претседател на Федералниот совет на Русија.

Не се закануваме, ама не дозволуваме ни да ни се закануваат и поставуваат услови. Нека размислат Американците за тоа. Нивните обиди да создадат противракетен штит не не загрижуваат веќе“, рече Владимир Жириновски, претседателски кандидат од ЛДП.

Говорот на Путин се смета за главно обраќање пред претседателските избори коишто се одржуваат месецов во Русија.

 

Маја Филдишев