Тевдовски: Креираме нов, европски и квалитетен Закон за јавни набавки

02.03.2018 13:40

Од овој Закон очекуваме да ја зголеми транспарентноста на постапките. Во исто време тој треба да ја подобри ефикасноста, да стави акцент на најдобрата економска понуда...

Дебатата за Предлог- законот за јавни набавки меѓу стопанствениците и предлагачите на законот денеска продолжи во Штип. Целта е да се слушнат сите мислења и сите засегнати страни да се вклучат во процесот на носењето на овој нов закон, соопштија од Министерството за финансии.

Од овој Закон очекуваме да ја зголеми транспарентноста на постапките. Во исто време тој треба да ја подобри ефикасноста, да стави акцент на најдобрата економска понуда, да ги поедностави постапките и да обезбеди услови за реална конкуренција. Има нови постапки, нови начини и алатки, особено во делот на електронски јавни набавки, има нови вредносни прагови за примена на законот, но и зајакната контрола и транспарентност - истакна министерот за финансии Тевдовски на јавната дебата која се одржи денеска во Штип, во организација на ЕПИ Центар во рамки на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ и во соработка со стопанските комори.

Тевдовски најави и интензивни активности кои ќе доведат до квалитетно подобрување во системот на јавните набавки, но и до подобрување на деловната клима.

Ќе треба да се направи надградба на електронскиот систем за да се прилагоди на новите решенија, како и да се воведе електронскиот пазар на мали јавни набавки. Исто така, се планира изготвување посебен закон за набавките од областа на одбраната и безбедноста. Ова е нешто што Европската комисија го нотира повеќе години наназад поради неусогласеноста со соодветната директива за овој вид набавки - изјави министерот.

Законот се очекува да се усвои во октомври, а да се применува од јануари следната година. Претходно се организираа дебати и во Скопје и Струга.