Избори во Италија: Популистите во водство, никој нема мнозинство

05.03.2018 10:23

Гласачите во Италија ги поддржаа десничарските и популистичките партии. За коалицијата на поранешниот премиер Силвио Берлускони се прогнозираат најмногу места во Долниот дом на Парламентот, односно меѓу 248 и 268, но тоа е помалку од потребните 316 за да има мнзонство. Зголемената поддршка за десничарите и популистите се споредува со Брегзит и со победата на Доналд Трамп во САД...

Според прелиминарните резултати, движењето „Пет ѕвезди“ на Луиџи ди Мајо води на парламентарните избори во Италија, со освоени 33,1 % во Сенатот и 34,1 процент за Домот на пратеници. И покрај најголемата поддршка, партијата нема доволно гласови за формирање влада. Аналитичарите сметаат дека „5 ѕвезди“ ќе прерасне во најголемата партија во Долниот дом на италијанскиот парламент.

Се обидуваме да ѝ дадеме поинаква иднина на нашата земја и успеавме бидејќи никој нема да може да владее без движењето „Пет ѕвезди“. Само ние ќе дадеме реална програма на оваа држава“, изјави Рикардо Фракаро, парламентарен член на „5 Ѕвезди“.

Незадоволството на јавноста поради високата стапка на невработеност и бегалската криза придонесоа за пад на популарноста на Демократската партија на поранешниот премиер Матео Ренци. Прогнозите за неговата централнолевичарска коалиција се движат од 107 до 127 места. Резултатот на овие избори е препопловен во споредба со изборите за Европскиот парламент во мај 2014 година.

За нас е пораз, јасен и очигледен пораз. Резултатите се под очекувањата. Комплетните проценки од гласањето ќе се знаат наскоро“, вели Маурицио Мартина, заменик-секретар на ДП.

Коалициските партнери - десничарската и евроскептична Лига за Северот на Матео Салвини и партијата „Форца Италија“ на Силвио Берлускони, заедно со нивните помали коалициски партнери, освоија најмногу гласови за двата парламентарни дома (36,6 отсто, односно 34,8 отсто). но и тие немаат доволно гласови за сами да формираат влада.

Огромно задоволство за Лигата, за Салвини. Историски резултат! Почнавме со 4%. Стигнавме до 16-17%.  Првин ќе зборуваме со коалициските сојузниви, веќе имаме некои идеи. Кон иднината гледаме со смиреност и спокој, со свесност, знаеме што да правиме“, вели Џанкарло Џорџети, парламентарен член на Лигата за Северот.

За формирање на влада и за коалиција ќе бидат потребни неколку недели.

Маја Филдишев