Неделава секој ден рочишта за предметите на СЈО

05.03.2018 09:36

Неделата почнува со судењата за предметите „Шпион“ и со издвоената постапка за „Насилството пред Општина Центар“ за седмообвинетиот Димче Крстев, кој се изјасни за невин.

Од денеска до петок, секој ден закажани судски рочишта за предмети на Специјалното јавно обвинителство. Неделата почнува со судењата за предметите „Шпион“ и со издвоената постапка за „Насилството пред Општина Центар“ за седмообвинетиот Димче Крстев, кој се изјасни за невин.

Во вторник на 6-ти март е закажано рочиште за предметот „Труст“, во кој првообвинет е бизнисменот и сопственик на ТВ Нова, Сеад Кочан. В среда обвинителите од СЈО ќе го застапуваат обвинението за предметот „Транспортер“, во кој првообвинет е ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески. В четврток е судењето за случајот „Топлик“, во кое му се суди на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, дека незаконски ѝ овозможил на фирма да купи државно земјиште за изградба на комплесот „Сончев град“. В петок, на 9-ти март е закажано уште едно рочиште за предметот „Транспортер“.

Предходното рочиште за „Шпион“ беше одложено поради отсуство на докази од предметот кои биле на разгледување во друг суд, на еден од обвинетите и двајца адвокати.

Ова е прво судење за случајот  на новоименуваниот судија Владимир Туфегџиќ. Во „Шпион“ меѓу обвинетите 18 лица се и поранешниот полициски генерал Горан Стојков, екс директорот на Управата за спречување перење пари Ване Цветанов и поранешниот функционер во УБК, Александар Диневски.