Србија

Голема победа на СНС на изборите во Белград

05.03.2018 14:28

Српската Напредна партија на Александар Вучиќ освои 44,9 насто гласови или 63 одборници во Градското собрание на Белград. Со освоеното апсолутно мнозинство има можност сами да го изберат новиот градоначалник на Белград. Опозицијата обвини за многубројни неправилности...

Српската Напредна партија на Александар Вучиќ однесе убедлива победа на градските избори за Собранието на Белград со освоени 45% гласови и ќе има 64 одборници во градското собрание кое брои 110 одборници. И самиот лидер на напредњаците, Александар Вучиќ синоќа прогласи победа на изборите

„Ова е најдобар резултат досега што некој го има постигнато во Белград. Ќе дадеме сѐ од себе да ги завршиме проектите- од метрото, станбената изградба до завршувањето на Белград на вода“, рече лидерот на СНС, Александар Вучиќ.

Тој додаде дека новиот градоначалник ќе биде познат за 50 дена и дека нема ништо против да коалицира со социјалистите на Дачиќ, кои освоија 6,1 отсто или 8 мандати.

Втори, според овие прелиминарни резултати се гласовите за Драган Ѓилас и изборната листа подражана од партиите на Саша Јанковиќ, Вук Јеремиќ и Борко Стефановиќ со освоени 18,8 % гласови или 26 одборници.

Најголемото изнедување е претседателот на општината Нови Белград-Александар Шапиќ, со освоени 9,3 отсто или 13 мандати.

Сите останати 20 изборни листи и партии, меѓу кои и Драган Шутановац од Демократската странка кој доживеа дебакл со освоени 2 отсто-не успеаа да го поминат изборниот цензус од 5% .

Лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ изјави дека не ги признава резултатите, а демократската опозиција обвини за бројни неправилности и купување на гласови-

„Ова се најнечесните избори во историјата на повеќепартизмот во Србија“, изјави Драган Ѓилас, кандидат за градоначалник.

Според прелиминарните резултати, излезеноста на градските избори изнесува 51,1%.

СНС на Александар Вучиќ победи на локалните избори и во Аранѓеловац, Бор и Севојно.

Градската изборна комисија вечерва има законски рок да ги објави конечните резултати од изборите во Белград, а започнат е и рокот за приговори и жалби на изборниот процес.

 

Оливер Бранковиќ, постојан дописник од Белград за МРТ